Тој е редовен професор во пензија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултет за електротехника и информациски технологии, Скопје

Дипломирал во 1978 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за електротехника во Скопје, на насоката Електроника, на групата Техничка кибернетика.

По дипломирањето се вработува во Фабриката за производство на челични цевки и профили АД „11 Октомври“ во Куманово, Р. Македонија. Главно работел во делот за одржување, автоматизација и електроника. За неговото осумнаесетгодишно индустриско искуство, променил неколку позиции, од инженер во одделот за одржување, па сѐ до главен инженер за технички и технолошки активности во компанијата.

Покрај вообичаените работни активности во ФЗЦ „11 Октомври“, успева да замине на магистерски студии на Електротехничкиот факултет во Скопје, каде ги завршува постдипломските студии во 1987 година и се стекнува со звањето магистер.

Истражувачката работа за неговиот докторат е правена во Скопје, Куманово и во Вулверхемптон, Обединето кралство. Во 1997 година успешно ја завршил докторската дисертација: „Неконвенционално управување на индустриски енергетски процеси во големи загревни печки“ на Електротехничкиот факултет во Скопје. Дипломската работа, магистерскиот труд и докторската дисертација ги работел под раководство на проф. Георги Димировски.

Од октомври 1997 година се вработува на Електротехничкиот факултет, Скопје, на работното место асистент на Институтот за автоматика и системско инженерство. Една година подоцна, тој е унапреден во шеф на Лабораторијата на Институтот за автоматика и системско инженерство.

Во мај 2000 година е унапреден за доцент, во 2005 година е унапреден во вонреден професор, додека во 2010 година станува редовен професор на Електротехничкиот факултет во Скопје.

Од 2008 до 2016 година бил и декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

За време на неговата релативно долга академска и индустриска кариера, тој е ангажиран во повеќе од 120 научни статии, објавени и презентирани на меѓународни и домашни конференции и списанија. Коавтор е и на дел од четири меѓународни монографии и две книги, а автор е и на книгите “Компјутерско управување на процеси” и “Апликации во микроелектроника и наноелектроника”.

Под негово менторство студирањето го завршиле шест докторанти и повеќе од 20 магистерски студенти, а моментално е ментор на двајца докторанти.

Исто така, бил ангажиран како раководител и учесник во повеќе апликативни и научни проекти, а бил и експерт за евалуација на проектите во програмата на ЕУ Хоризонт 2020.

Во изминатиот период бил претседател на ЕТАИ (Друштво за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика), потпретседател на Инженерската институција на Македонија (ИМИ), претседател на Собранието на КОАИ (Македонска комора на овластени архитекти и инженери) и потпретседател на IFAC TC-9.3 за земјите во развој (IFAC- Меѓународна асоцијација за автоматско управување).

Во 1981 година бил член на иницијативниот одбор за основање на друштвото ЕТАИ. Од самиот почеток бил член на управниот одбор на Друштвото. Бил генерален секретар на Друштвото, а во неколку наврати бил и претседател на Друштвото. Активно учествувал во организирањето на сите конференции на ЕТАИ и бил главен организатор на повеќето од нив.